top of page

Квадрати на постоењето

личен осврт

 

Доколку можеш да слушнеш, и калта има јазик чии димензии се шират секогаш во повеќе од три насоки. Нејзиниот говор има визуелен и наративен бескрај, а Квадратите на постоењето се обидуваат токму до него да се доближат. И да отсечат сведоштва за неговиот човечки (об)лик. Квадрати на постоењето, всушност, е фрагментиран концепт за човекот.

 

Елементите со димензии од дваесет и пет сантиметри, најпрво се доживуваат како инсталација во затворена линија, со строг и дефиниран облик кој не дозволува дополнително растегнување. Но. поставени во низа која го обиколува просторот, постепено се влеваат во бескрајните можности на сопственото постоење. Тогаш, нивните контури се растегнуваат и исчезнуваат во некоја новоотктриена или повторно откриена реалност. Квадратите се сегменти од  нашето човечко ткиво со сета своја несовршеност и сите отисоци што движењето низ времето ни ги расфрла по кожата.

 

„Приоѓање. Кон дното се насобрале јато риби, зборови и соѕвездија од петокраки. На брегот - песочни набори.“

 

Отсекогаш сум се обидувала да се доближам доволно блиску до точката кадешто се допираат човекот како општествено битие и човекот, едноставно, како живо битие. Да го осетам вистинскиот пулс на тој човек сплотен во единство. И покрај сите обиди и самата да се поврзам во едно, сепак, најчесто сум се доживувала одделено, расцепкано на фрагменти од различни и раздвоени реалности. Тоа ќе ѝ го препишам на својата аспергерова природа, но секој од нас, и Вие што во моментов го читате овој текст, е во константен судир со двете човечки реалности, во обид да (ре)конструира стварност која ќе се смета за своја. Притоа, обединувајќи ги и сите напластени трагови во истиот комплексен колаж.

 

Квадратите на постоењето се однесуваат на тие секојдневни колизии и на белезите кои неминовно се таложат, кои истовремено ја дефинираат и ја кршат нашата форма. Многу од нив се мали, но значајни преродби, кои честопати не ги приметуваме. Групирани како кроки исечоци, елементите имаат скаменета и крута надворешност, но сензибилен јазик. Секој од нив претставува обележано досие на постоењето, кое својата светла површина ја отвора како медитативен простор за контемплација и себеспознавање.

 

„Бистра вода.“

 

Пред сѐ, квадратите се визуелни артефакти, но и поетски записи, кои се обидуваат на човекот да му посочат повторна можност одново да се испише себеси, но и светот, користејќи ги интуитивните методи на неговиот архаичен претходник.

 

Би сакала квадратите да се видат, почувствуваат, слушнат, како мали внатрешни катарзи, кои ќе поттикнат бранување.

 

Анета Попова

ноември, 2019

*Кон „Квадрати на постоењето“: ОКНО.мк

bottom of page